Девет годишното дете од Кавадарци, кое неговиот татко О.Ј. (38) го пријавил во ПС Кавадарци за исчезнато, вчера било пронајдено.
Според портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски, детето излегло од домот и се оддалечило во непознат правец.
Родителите, кога забележале дека го нема, во паника започнале потрага по него, а кога не успеале да го најдат, случајот го пријавиле во полиција.
По час и половина, истото било пронајдено на таканаречениот зелен пазар во градот, каде што, како што кажало, заминало да си поигра.
Веста дека во Кавадарци исчезнало дете предизвика вознемиреност кај жителите на Тиквешијата.
Граѓаните се присетија на случајот од пред околу две години во Неготино, кога три лица, по потекло од Кочани, Кичево и Кавадарци, пресретнале десет годишно девојче кое се враќало од училиште и се обиделе да го внесат во нивниот автомобил.
За среќа се појавил таткото на девојчето, по што лицата побегнале, а кратко потоа биле лоцирани и приведени во ПС Неготино.
По сослушувањето, тие се правдале дека само сакале да се пошегуваат, а против нив беше поднесена кривична пријава.