Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 18-годишен скопјанец, за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Одземање на моторно возило од член 242, со одземеното возило сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, а потоа и кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 30 август, од паркинг просторот пред зграда лоцирана на булеварот „3-та Македонска Бригада“ противправно одзел туѓо моторно возило со намера да го употреби за возење. Управувајќи го украдениот автомобил „Алфа Ромео“ со скопски регистарски ознаки, по булеварот „Борис Трајковски“, осомничениот не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.
Автомобилот го управувал без возачка дозвола, а брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, изгубил контрола над управувачот и со возилото излегол надвор од коловозот на тротоарот од десната страна, каде удрил во телото на пешак. Од ударот, оштетената која се движела како пешак по тротоарот, се здобила со тешки телесни повреди и подоцна починала.
По ударот, без да укаже помош на оштетената, осомничениот продолжил да вози, повторно изгубил контрола над управувачот од возилото и удрил во метална ограда. Го оставил возилото и пеш го напуштил местото, криејќи се од органите на прогонот.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и постојат особени околности што го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлог за определување мерка притвор.