Возач од Бугарија се обидел да подмити сообраќаен полицаец откако бил сопрен зашто не застанал на црвено светло на семафорот.
Вчера околу 14 часот во Скопје полициски службеници од полициската станица Кисела Вода го привеле Б.Е.Г. (60) од Петрич, Република Бугарија поради сторено кривично дело „давање поткуп“ по чл.358 од КЗ, информираат од МВР.
Б.Е.Г. бил сопрен од полициските службеници откако сторил сообраќаен прекршок, односно со товарно моторно возило ивеко поминал на црвено светло на семафор, а откако полициските службеници му ја побарале сообраќајната дозвола и му укажале дека ќе му биде изречена глоба, Б.Е.Г. во сообраќајната дозвола ставил пари (евра) и рекол дека тоа го направил за да се почестат, односно да не му изречат глоба, велат од МВР.
Полициските службеници веднаш го лишиле од слобода Б.Е.Г. за сторено кривично дело давање поткуп по чл.358 од КЗ. Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот против Б.Е.Г. до ОЈО Скопје ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.