Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари дека сторило кривично дело – Неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот жител на селото Грчец на 07.04.2019 година, на булеварот „Партизански одреди“ спроти трговскиот центар „Лептокарија“, во својот автомобил, неовластено држел полуавтоматско огнено оружје – пиштол марка „Црвена застава 99“ со калибар 9 мм, како и пет куршуми муниција за тој пиштол. При преглед на возилото од страна на овластени полициски службеници, оружјето било пронајдено и одземено.
Против истото лице, во Основното јавно обвинителство Скопје во тек е уште една кривична постапка за исто кривично дело, по кривична пријава поднесена во октомври 2018 година. Согласно оваа кривична пријава, на 20.09.2018 година, во автомобилот на ова лице, под предното совозачко седиште, бил пронајден и одземен пиштол марка „Застава“ М57 со калибар од 7,62мм и рамка со девет куршуми за истиот пиштол. Постапката и за ова дело е во тек.
Имајќи го предвид овој факт, надлежниот јавен обвинител ценеше дека и натаму е оправдан стравот дека обвинетиот би можел да го повтори кривичното дело или да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до Судот достави предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетиот.