сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Хроника

За пукање и огномети по свадби СВР Тетово лани поднела пет прекршочни пријави и една кривична пријава

За пукање и огномети по свадби СВР Тетово лани поднела пет прекршочни пријави и една кривична пријава
фото илустрацијаа

Откако вчера СВР Тетово упати апел да не се пука по свадби, денес на барање на МИА информираат и за тоа како се справувале полицајците со оваа појава во текот на 2022 година. Евиденцијата на СВР Тетово покажува дека минатата 2022 година во СВР Тетово пријавени се вкупно 13 случаи на заталкани куршуми испукани на свадбени или други свечености со причинети оштетувања.

– Во периодот за кој станува збор евидентирани се шест случаи на неовластено пукање или неовластено приредување на огномети, од кои пет на гостиварското и една на тетовското подрачје. Согласно членовите 31 и 32 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир за такви случаи предвидена е парична глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност. За еден од случаите поднесена е и кривична пријава за кривичното дело „предизвикување општа опасност“, за кое согласно член 288 од Кривичниот законик предвидена е и затворска казна од шест месеци до пет години, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Секторот за внатрешни работи Тетово вчера апелираше до граѓаните да се воздржат од пукање, како и од неовластено организирање огномети, кои во последно време стануваат задолжителна свадбена содржина, односно практика на ова подрачје.

Апелот следува со оглед дека во текот на овој и наредните два месеци, јули и август, на поширокото полошко подрачје закажани се и ќе бидат организирани голем број свадбени и други свечености, најмногу во угостителски објекти на подрачјето.

Во 2022 година СВР Тетово во рамки на националната кампања „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“ реализираше повеќе активности со цел да се намали пукањето на веселбите.