На 1 септември 1960 година беше формирана редакцијата на одделот на Телевизија Скопје и е снимена првата телевизиска вест што се емитуваше преку мрежата на ЈРТ, со што де факто се роди Македонската телевизија меѓу првите на Балканот.
Во Редакцијата беа Димче Божиновски – уредник, Драги Аргировски и Димче Марковски – новинари и Благоја Прличков и Димче Гечевски – сниматели-камермани.
На првиот состанок на редакцијата присуствуваа директорката на Радио Скопје, Веселинка Малинска, секретарот Лазо Димитровски, техничкиот раководител Тодор Џартов и програмскиот раководител Димче Божиновски. Техничка секретарка на редакцијата беше Лимона Лолева.
На тој ден беа подготвени и снимени две информации што се емитуваа во заедничкиот ТВ-дневник на ЈРТ во Белград. Првата информација беше кратка белешка за Скопје, за времето и за почетокот на учебната година. Со тоа според наведените критериуми (снимено и емитувано) де факто се роди Македонската телевизија.
Од тој ден Редакцијата секојдневно подготвуваше телевизиски извештаи од сите значајни настани во Македонија и телевизиски прилози од стопанскиот, образовно-културниот и спортскиот живот.