Мајските оперски вечери традиционално завршуваат на последниот ден од мај со „Аида“, а оваа година популарната опера на Верди е во продукција на театарот „Карло Феличе“ од Џенова, Италија.
Модерната „Аида“ е спој на визуелната иновација со традицијата, виртуелна сценографија која, како што најави Националната опера и балет, ќе ја одведе публиката во светот на древниот Египет преку футуристичко видување со 3Д-проекции на сцената.
Со новата постановка на оваа Вердиева опера и почнаа 47. Мајски оперски вечери на 9 мај, но вечерашната изведба ќе има друга, интернационална екипа. Насловниот лик ќе го игра Русинката Олга Романко, а останатите главни улоги ќе ги толкуваат: Ирина Долженко од Русија (Амнерис), Ѓорѓи Цуцковски (Радамес), Анџело Веча од Италија (Амонасро) и Александар Стефаноски (Фараонот). Диригент е Диан Чобанов од Бугарија.
Покрај „Аида“, дел од годинашната фестивалска програма беа уште две опери на Џузепе Верди – „Риголето“ и „Травијата“, како и оперите „Лучија од Ламермур“ и „Ана Болена“ на Доницети и „Боеми“ на Пучини и балетот „Лебедово езеро“ на Чајковски. (МИА)