Балетските претстави „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“, кои беа специјално подготвени од унгарскиот кореограф Габор Кевехази по повод 70-годишниот јубилеј на македонскиот балетски ансамбл и премиерно изведени за отворањето на сезоната 2019/2020, вечер од 20 часот се повторно на сцената на Националната опера и балет.
„Валпургиска ноќ“ е дел од операта „Фауст“ на Шарл Гуно. Во 1949 година токму со таа премиера во кореографија на Ѓорѓи Македонски се институционализира и почнува развојот на македонскиот балет.
По повод јубилејот „Валпургиска ноќ“ е осовременета и во траење од 20-тина минути и во оваа постановка комбинирана е со 50-минутна изведба на „Кармен“ од Жорж Бизе и оркестрација на Родион Шчедрин.
Учествуваат првенци солисти и оркестарот на НОБ, кој ќе го води диригентот Иван Еминовиќ. Сценографијата е на Марија Ветероска, а костимите ги изработи Марија Пупучевска.