понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Бигорски ги кани верниците на традиционално одбележување на главната манастирска слава

Бигорски ги кани верниците на традиционално одбележување на главната манастирска слава

Бигорскиот манастир традиционално ќе го одбележи патрониот празник, „Отсекување на главата на Свети Јован Крстител“ и по тој повод свештената бигорска обител преку објава ги поканува верниците на заедничка прослава на главната манастирска слава.

Одбележувањето започнува на 10 септември (недела) во 18 часот со празнична Вечерна богослужба, на која ќе претстои игуменот на бигорската обител, неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј.

Во понеделник, 11 септември, денот на патронот, во 7:30 часот ќе почне утрената богослужба, 8:45 часот ќе биде дочекан надлежниот митрополит Дебарско-кичевски, неговото високопреосвештенство г. Тимотеј а во 9 часот почнува света архиерејска Златоустова литургија.

– Славното бигорско светилиште, кое низ вековите било и останало гордост и пофалба на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата на народот. Затоа, да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на Светиот Претеча, стои во објавата.

Ја имаме големата чест и радост, се додава, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани и почитувачи на свештеното дело на Свети Јован, да се присоединат кон неговото големо торжество.

-Тој, во денот на својот најголем празник – Усекновение на неговата чесна глава, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и преку неговите свети мошти што се чуваат во нашиот Манастир, ги слуша и исполнува молитвите на оние што со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите што ревносно го чествуваат неговиот спомен. Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас, посакуваат од Свештената бигорска обител.

Ова македонско древно светилиште е основано во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин и пред три годиниго одблежа големиот јубилеј 1000 години од основањето.

По традиција се очекува масовно присуство на верници од многу градови во земјава.