Со положување цвеќе пред споменикот на Никола Јонков – Вапцаров, Националната установа Центар за култура од Делчево ја одбележа 112-годишнината од раѓањето на големиот поет и револуционер и свој патрон.
Во пригодниот говор по повод роденденот на Вапцаров, раководителот на Литературната дејност при Центарот за култура, Љупчо Петровски, истакна дека Вапцаров е еден од најсилните таленти кои твореле на друг јазик, освен македонскиот.
-Тој своите творби ги создал од 1936 до 1942 година и секаде во своите песни кажувал дека е Македонец. Неговата книжевна дејност се рефлектира со неговата единствена стихозбирка „Моторни песни“, која била нашишана на бугарски јазик на кој што творел. Тематиката на неговото творештво е татковината, работниците по фабриките, за што сведочат неговите песни Фабрика, Родина, Земја, Илинденска и други, рече Петровски.
Во чест на Вапцаров, како што додаде секоја година установата ги организира Вапцаровите бранувања, манифестација која годинава е поделена во три дела.
-Во рамки на оваа манифестација претстојната сабота во рамки на Вапцаровиот караван, ќе ги доделиме наградите од Литературниот конкурс на тема „Вапцаров, писател со револуционерни идеи“. Потоа имаме гостување во Банско и посета на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград, додаде Петровски.
Манифестацијата „Вапцарови бранувања“ е поддржана од Министерството за култура на РМ. (МИА)