Чествување на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески денеска организираше општинската библиотека „Искра“ од Кочани, во чии рамки беа опфатени неколку содржини.
Научен осврт за значењето на великанот Конески во развојот на македонистиката даде доцент Ана Витанова-Рингачева, а беа прогласени најдобрите творби и доделени наградите на учесниците на литературниот конкурс „Твориме во чест на ликот и делото на Блаже Конески“.
-Кодификацијата на македонскиот литературен јазик и делото на Конески го имаме како најголем аргумент и најголема одбрана кога неправедно сме напаѓани, најчесто отстрана. Македонскиот јазик е аксиома, тоа е нешто што сите ние природно го носиме, но тој беше тука за да ни ја подари нормираната форма на јазикот што ни е потребна за да ја претставиме македонската литература, и овде пред нас, а и во светот. 19 декември – роденденот на Блаже Конески е светол датум за нас и на младите генерации треба постојано да им предочуваме кој бил тој и каква е неговата улога и значење во издигнувањето на македонската книжевно-научна мисла, истакна Витанова-Рингачева.
Во рамки на чествувањето беше отворена изложбата „Творештвото на Конески – есенцијално културно наследство во македонската наука и култура“, со презентирање на дел од книжниот фонд на библиотеката.
Пред присутните на чествувањето беа прикажани видеозаписи со поезија на Конески, како материјал што е подготвен од Министерството за култура.