понеделник, 25. март 2024. Вести денес: 0
home Култура

Циклус филмови на Анджеј Вајда во Кинотека

Циклус филмови на Анджеј Вајда во Кинотека

Во Кинотека од денеска до четврток, 22 декември, гледачите ќе имаат можност да видат избор од шест филмови од филмографијата на Анджеј Вајда (1926-2016).

Шесте наслови од филмската недела посветена на Вајда хронолошки ги опфаќаат неговите рани (црно-бели) трудови „Канал“ од 1957 година, „Пепел и дијаманти“ од 1958, „Невини волшебници“ од 1960, „Пепелта“ од 1965 – епска сага за полските легии во наполеоновите војски од почетокот на 19-ти век, како и двата иконични наслови од зрелото доба на авторот „Човекот од мермер“ од 1977 и „Човек од железо“ од 1981.

-Неговиот авторски потпис стои на шпиците на повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти во Полска и интернационална продукција, има освоено 60 награди на најпрестижните филмски фестивали во светот и речиси уште толку номинации. Меѓу останатите награди, во 1990 година ја добива „Европската филмска награда за животно дело“, на Берлинале во 1996 година ја добива наградата „Сребрена мечка“ за посебен придонес во филмската уметност, на Филмскиот фестивал во Венеција во 1998 година добива „Златен лав“ за животно дело, во 2000 година и почесен „Оскар“, а во 2006 година и почесната награда „Златна мечка“ на Берлинале, соопштија од Кинотека.

Вајда е роден нa 6 март 1926 година во Сувалки, Полска, а починал на 9 октомври 2016 година во Варшава.