Драмски театар со претставата „Мојот маж“ гостува в среда на 30 август во Хрватска.
На Бриони во организација на Театарот Улисис се одржува летното издание на регионалниот театарски фестивал РУТА. Гостувањето на членките од Регионалната унија на театри се реализира со изведба на претстави во рамките на фестивалската програма на театарско-музички проект на тимот на познатиот актер Раде Шербеџија, уметничката директорка Ленка Удовички и директорот Душко Љуштина. На фестивалот настапуваат познати теататски куќи и музичари од десетина земји.
Претставата „Мојот маж“ е колаж од расказите на Румена Бужаровска и авторски монолози. Режисер е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска. Костимограф на претставата е Роза Трајчевска – Ристоска, сценограф Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.
Во пресрет на ова гостување потсетуваме дека во рамките на фестивалот РУТА, со изведбата на „Мојот маж“ театарот гостуваше во Словенија на сцената на Местно гледалишче Љубљана во 2022 година и во Црна Гора на сцената на Градско позориште Подгорица во април годинава каде имаше извонреден прием кај публика.
Претставата „Мојот маж“ на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2022 година освои пет фестивалски награди.
Драмската структура на театарската претстава Мојот маж е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали, и тоа драматизацијата на шесте раскази (Супа, Празно гнездо, Прељубник, Осми март, Гени и Лиле) и документарниот материјал произлезен од авторските монолози. Дејствата/состојбите од расказите на Бужаровска, како и документарниот дел со авторските монолози тематски се цврсто поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневно-политички актуелности. Расказите и авторските монолози имаат за цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите, и отворено инсистираат на судир помеѓу традиционалното и современото. Сега, денес, сеуште имаме потреба да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото.
Премиерата на „Мојот маж“ беше во февруари 2020 година, и досега има 26 изведби.
Есенското издание на фестивалот РУТА ќе се одржи во Скопје во организација на Драмски театар од 3 до 8 октомври. Македонската публика ќе има можност во ревијалната фестивалска недела да проследи шест претстави од водечките театри во регионот, членки на регионалната унија на театри – РУТА.