Претставата „Дух“ од Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ во вторник премиерно ќе биде изведена во Македонкиот народен театар.
Гораст Цветковски ја толкува главната улога – Александар Мара или духот, а покрај него играат Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ, Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски. Сценограф е Велимир Жерновски, костимограф Лидија Георгиевска, а музиката е на Надежда Рубин, Срѓан Јаниќијевиќ и Ивица Димитријевиќ.
Режисерот Јаниќијевиќ на денешната прес-конференција рече дека ова е прва претства на МНТ која е поддржана од Министерството за култура за 2018, во соработка со „Контрапункт“ и со поддршка од општина Центар.
– Секој човек кој ќе дојде да ја гледа оваа претстава ќе ја почувствува болката, ќе се препознае и ќе сака да стане дел од решението на проблемот со кој живееме-сите чувствуваме една суштинска неправда и не гледаме излез наскоро, рече Јаниќијевиќ. Додаде дека претставата е преполна со многу силни емоции и со хумор.
Тој верува дека оваа претстава ќе игра многу долго, а за актерската екипа рече дека е прекрасна. Според него, текстот на Дејан Дуковски е поразличен од се што напишал досега, а можеби и еден од најдобрите.
Гораст Цветковски рече дека неговиот лик некои го викаат и анти Хамлет, а тој е еден урбан херој кој ја зема правдата во свои раце и тргнува со сите кои му имаат погрешено.
Актерките Матеа Јанковска и Тина Трпкоска ги повикаа посетителите да ја погледнат претставата и да уживаат.