Манифестацијата „Прличеви беседи“ која се одржува денеска во Охрид е во знакот на два јубилеја – 190 години од раѓањето на Григор Прличев и 160 години од издавањето на неговата поема „Сердарот“.
Според најавата од организаторот, НУ Библиотека „Григор Прличев“-Охрид, за животот и делото на Прличев – Вториот Хомер, чие творештво е нераскинливо врзано за Охрид, ќе зборува проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ.
Ќе биде промовиран каталогот на стари и ретки книги – издание на библиотеката и книгата „Библиотеката како медиум за комуникација“ од Мариче Боздоганова, библиотекар советник, вработена во охридската библиотека.
Настанот ќе биде заокружен со Прличевата визита и настап на Михаил и Иван Мишеви кои ќе ја изведат Прличевата „1762 лето“.
Годинава добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема е поетот Стево Симски за поемата „Таинството на богомилите“.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ се одржува на 6 февруари, денот на смртта на поетот и преродбеник Прличев (18 јануари 1830 – 6 февруари 1893). Библиотеката ја организира во соработка со Министерството за култура и Општина Охрид.