вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Двобројот на списанието „Зенит“ посветен на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески

Двобројот на списанието „Зенит“ посветен на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески

Двобројот на списанието за наука, литература, култура и уметност „Зенит“ е посветен на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески. Ликот на Конески, нацртан со стиховите од неговата „Везилка“, ја красат корицата на новиот број на оваа списание, а таа е авторско дело на уметникот Ване Костуранов, кој од самиот почеток е задолжен за осмислувањето на визуелниот изглед на списанието.

Во првиот дел на списанието се сместени ретки, заборавени разговори со Конески, интервјуа со неговите соработници, есеи и трудови инспирирани од неговото творештво. Посебен печат му даваат вметнатите уметнички дела од современи македонски уметници со мотиви од поезијата на Конески, создадени специјално за овој двоброј.

Вториот дел од списанието ги содржи препознатливите рубрики во кои има интересни и мисловни разговори, есеи, научни трудови, поезија и проза од современи македонски и европски автори, но и критика, мислења.

Како што вели уредничкиот тим Ана Витанова-Рингачева, Далибор Плечиќ и Сузана Мицева, „Зенит“ е поинаква книжевна платформа која ги обединува уметничкиот, литературниот, но и научниот и културниот дух на современието.

Според уредниците, „Зенит“ е веќе позициониран како списание што ги публикува етаблираните млади автори, потсетува на подзаборавените авторитети, но и бара такви кои не биле поддржани и препознаени во своето време.

-Со еден збор, со будно око и со многу внимание се набљудува минатото и сегашноста на книжевната мисла, со цел да се даде квалитетен влог во градењето на македонската култура, додаваат од уредничкиот тим на списанието.

Печатењето на „Зенит“ го поддржуваат Министерството за култура и Општина Струмица.