Во пресрет на новото издание на Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, од 9 април до 11 јуни, секоја сабота од 10 часот, во Кинотеката на Северна Македонија ќе се одржува програмата „Џифони филмски денови“.
Како што информираат организаторите, филмската програма е намената за учениците од скопските основни училишта и предвидува секоја сабота да се прикажува по еден европски игран филм наменет за младата публика, проследен со дискусија и средба со филмски автор или актер.
Од филмовите кои ќе бидат прикажани, прв ќе биде филмот „Патешествието на принцот“, а гостинка на средбата ќе биде Леона Јариќ, добитничка на наградата Green Competition во организација на Europe House. Таа ќе го претстави своето најново остварување и ќе разговара со младата публика за тоа како започналa да снима филмови.
На програмата има и „Филмска училница“ – работилница која ќе се реализира под менторство на режисерката Марија Џиџева а ќе биде фокусирана на поттикнување на креативноста на младите кои сакаат да ја раскажат својата кратка приказна со аудиовизуелен јазик близок на новите генерации. Филмовите што ќе произлезат од работилницата ќе бидат прикажани за време на 10 издание на „Џифони Македонија“ и заедно со филмовите направени на фестивалот ќе се натпреваруваат за главната награда – професионална камера.
Проектот „Џифони филмски денови“ е поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“. (МИА)