Младинското културно-уметничко друштво „Цветан Димов“ завчера одржа целовечерен концерт во Домот на АРМ, по повод 50 години од своето постоење. На концертот учествуваа сите генерации – и оние што биле и оние што сега се членови и дел од овој познат македонски ансамбл.
На сцената, освен кореографски дел, се случи и вистинска експлозија од емоции, кои, несомнено, ѝ оставија огромен впечаток на присутната публика. Со овации и со громогласен аплауз, игроорците се поклонија пред сите присутните, воедно оддавајќи почит кон традицијата и културното творештво.
Инаку, ова младинско културно-уметничко друштво, кое секогаш професионално настапува, е од Скопје, од Општината Карпош. Формирано е во 1972 година. Оттогаш, па до денес, во своите програмски активности го негува и презентира прекрасниот македонски фолклор. Има освоено бројни домашни и меѓународни награди
Ансамблот има одржано повеќе од 400 концерти, а неговите настапи досега ги имаат проследено повеќе од еден милион гледачи.
Денешнава генерација успешно ја продолжува традицијата што ја негува „Цветан Димов“ и со своите настапи потврдува дека поседува трајна вредност со која постигнува одлични резултати.
Особено се горди на детскиот меѓународен фолклорен фестивал, попознат како „Од цвет на цвет со оро и песна“.
Досега, 24 пати по ред се одржа овој фестивал и се очекува неговото ново издание. На досегашните фестивали учествувале повеќе од 2.000 учесници од многу европски држави. Особено треба да се истакне дека на гости, во Македонија, на Друштвото му дошол и детски ансамбл од Индонезија. Тоа доволно зборува за популарноста на овој детски фестивал.
Во ансамблот „Цветан Димов“ членувале повеќе од 3.000 членови, кои посветено и со голема љубов ја негувале македонската фолклорна традиција. Во моментот, во ансамблот работат околу 100 членови, групирани во неколку ансамбли. На својот репертоар, ансамблот негува исклучиво изворни македонски игра и песна и е еден од ретките што автентично ја презентираат својата програма.
Во ансамблот постои школа за изворни инструменти, каде што со академски професор се изучуваат и свират инструментите кавал, тамбура, гајда и тапан. Нивниот оркестар на изворни инструменти е повеќегодишен републички првак и освојувач на први награди на меѓународни фестивали.
Секако дека сите успеси се врзуваат со институциите, кои безрезервно ја подржуваат програмата на ансамблот. Тоа му овозможува да има понатамошна квалитетна работа.