Во издание на здружението „Диван“, а со подршка на Министерството за култура деновиве излезе од печат новиот роман „На пола пат“ од авторот Алија Авдовиќ.
Романот е напишан на босански јазик, или во оригинал „Na pola puta“ и е петто остварување на реномираниот бошњачки и македонски писател Алија Авдовиќ.
– Ова е роман на една внатрешна перцепција на проникнувањето на животот на бошњачкиот народ со потекло од Санџак, стремеж на една длабока човечка вистина на самото човечко постоење, вели во својата рецензија Амина Поровиќ.
Уредникот на изданието, проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ изјави дека центар на случувањата е Горно Оризари, село во Велешко каде освен емоциите, љубовта, одмаздата и освен лирското во романот, истиот претставува и значаен допринос за историјата на бошњачкиот народ во нашата држава.
– Романот е создаден со големи и измешани емоции во кој се преплетуваат судбините на Бошњаците од Санџак, Македонија, од дијаспората, појасни Рамчиловиќ.
Од здружението „Диван“ соопштија дека ќе продолжат со поддршка, промоција и афирмација на бошњачките писатели во нашата држава.
– Во понатамошниот период планирана е и промоција на книгата, истата ќе биде достапна за продажба во книжарниците во Скопје и дистрибуирана до библиотеките, посочија од Здружението.