Македонскиот и меѓународно афирмиран тенор Благој Нацоски по негова иницијатива, а во чест на 30 годишнината од дипломатските односи помеѓу Северна Македонија и Италија, во саботата одржа концерт во Сан Квирино ди Порденоне.
На концертот наречен „Ноти како мостови” настапија и сопранот Паола Кампоново, во пијано придружба на Алфредо Блесано, инаку и двајцата Италијанци.
Публиката имаше можност да го чуе македонскиот јазик преку стиховите на Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, односно музиката на Тодор Скаловски, Благој Цанев, Трајко Прокопиев, Дарија Андовска, Дино Имери и Андреј Наунов, како и Свитата Македонија создадена од Алесандро Д’Агостини.
Магазинот за култура Ла Платеа, денеска објави рецензија од концертот, за кој наведува дека понудил исклучително префинета програма, во која беа изведени бројни камерни арии компонирани од македонски музичари, придружени со италијански дела и дуети. Алфредо Блесано, мошне талентиран пијанист, вешто ја придружуваше Кампоново со која победи на натпреварот „Респиги“ во 2016 година и, се додава, тенорот Благој Нацоски, вистинската ѕвезда на вечерта.
-Тенорот, многу активен на националната и меѓународната сцена, покажа уште еднаш глас со многу цврст центар, полн со бои и нијанси, сигурни високи тонови, многу долг воздух и моќен волумен, но пред се‘ покажа дека е чувствителен и префинет интерпретатор, способен да ги измеша со интензитет сензациите опишани во стиховите што ги отпеа, никогаш повнимателен кон музичката изведба, но сепак одлична, отколку кон интерпретативната. Уметник во служба на уметноста. Редок дар во време на претерана самореференцијалност и во кое приоритетите премногу често се губат.
Во Сан Квирино, се наведува во рецензијата, беше предложена сложена програма, секако префинета, главно современа. Интересен експеримент: предлагање нешто непознато, или речиси непознато, во нов контекст, на необична публика.
Во текстот се наведува дека вечерта започнала со дело од Тодор Скалоски од 1967 година: „Молитва“, која Нацоски, истовремено автор на италијанскиот превод поделен на публиката со цел за да и овозможи подобро да го сфати значењето на делата, ја толкува со голема вклученост. Гласот сјае со темната боја која одекнува жалење и меланхолија, но и со долгите фрази на еден воздух, кои како да го оставаат последниот призив на ветрот: „Исцели ме, земјо, од темниот немир и тага“.
Програмата ја сочинуваа и партитурата „Цветови“, дело на Благој Цанев, од 1976 година, „Галебе мој“, дело со силно драматично влијание, компонирана од Трајко Прокопиев во 1964 година, „Река“ напишана во 2021 година, од младиот композитор Андреј Наунов, потоа делото „Сон“ на Дино Имери, млад и брилијантен композитор и „Песни од татковината“ од Дарија Андовска, типично македонска атмосфера изградена во седум октави. Затворањето е доверено на парче од Алесандро Д’Агостини: „Свита Македонија“, напишано, вели македонскиот тенор, по повод концертот што го одржале заедно, за да се обидат да ја разведрат меланхоличната и мрачна атмосфера на многу од предложените дела во таа прилика.
-Всушност, составена од четири цитати од популарни песни, оваа прекрасна музичка екскурзија им овозможува на двајцата пејачи да ја затворат вечерта на пиротехнички начин, пеејќи со живи ритми, одлични вокални екскурзии, наизменично, дуетирајќи и предизвикувајќи искрен ентузијазам кај публиката, која добива и подеднакво радосен бис…, заклулува италијанскиот магазин.
Инаку, ова е втор концерт годинава на Нацоски во Италија од ваков тип, со атрактивна македонска програма.