петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Јубилејното издание на СВП со посебни протоколи

Јубилејното издание на СВП со посебни протоколи

Под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“, од 26 до 30 август ќе се одржи 60. јубилејно издание на Струшките вечери на поезијата, на кое е најавено учество на повеќе од 30 поети од земјава и странство.

Фестивалот, како што соопшти дирекцијата, ќе се организира со физичко присуство на домашните поети и на најголемиот дел од поканетите учесници од странство, а дел од светските поети кои не можат да присуствуваат ќе бидат претставени преку видеочитања. Специјално видеообраќање и видеочитање, според информацијата на СВП, ќе има и годинашниот лауреат, британската поетеса Керол Ен Дафи.

– Програмата ќе ги задржи препознатливите содржини на фестивалот. Повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните фестивалски читања. Во склоп на програмата се предвидени меморијални чествувања на доајените на македонската поезија Анте Поповски и Богомил Ѓузел, а како специјален настан е промоцијата на монографскотото издание „Избор од поезијата и кратката проза од Блаже Конески“, како дел од Националната програма со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот на македонската култура, соопшти НУ „Струшки вечери на поезијата“.

Овогодинашното мото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“, според информацијата, го потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.

СВП, како една од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали, ќе се одржи со целосно почитување на најновите мерки за заштита од коронавирусот. Свеченото отворање и затворање, според најавата, ќе се одржи на покриената тераса на хотел „Дрим“. Во останатите денови, претпладневната програма е предвидена да се одвива во Конгресната сала на хотел „Дрим“, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

– Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, со задолжително приложување на сертификат/потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина или сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст. Програмата на фестивалот, почнувајќи од изданието во 2019 година, целосно се пренесува во живо на официјалниот Youtube канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширок аудиториум, стои во соопштенито на СВП.