сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

„Кафез кај кокони“ на Драмски театар го отвора фестивалот „5ре“ во Велес

„Кафез кај кокони“ на Драмски театар го отвора фестивалот „5ре“ во Велес

„Кафез кај кокони“ на Драмски театар Скопје вечер во 20 часот на сцената на НУЦК „Јордан Хаџи Константинов Џинот“- Велес го отвора второто издание на фестивалот „5ре“.

Премиерата на „Кафез кај кокони“ на режисерот Димче Николовски беше изведена во саботата и беше поздравена со овации и повеќеминутен аплауз од публиката во Драмски театар. Текстот е на францускиот автор Жан Пуаре. Режисерот Николовски заедно со Благоја Бошковски Буцко се сценографи на претставата. Костимографи се Раде Василев и Елена Вангеловска. Кореограф на претставата е Кренаре Невзати – Кери. Преводот е на Радмила Јорданова и Благоја Бошковски Буцко. Адапатацијата и изборот на музиката се на Александра Бошковска и Благоја Бошковски Буцко.

Улогите во „Кафез кај кокони“ ги толкуваат актерите: Жорж – Филип Трајковиќ, Албен – Александар Степанулески, Жакоб – Стефан Вујисиќ, Табаро – Предраг Павловски, Мерцедес – Димитрија Доксевски, Зорба – Маја Вељковиќ Пановска, Лоран – Дамјан Цветановски, Камиј – Соња Стамболџиоска, Едуар – Златко Митрески, Мјуриел – Нела Павловска, Симон – Емилија Мицевска и во улогата на Саломе – Бранко Атанасов. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер е Жаклина Цветковска.

Александра Бошковска за претставата вели дека станува збор за француската фарса што ја освојува публиката на прв поглед. „Кафез кај кокони“ (“La cage aux folles”) ја има својата праизведба во февруари 1973 година во Париз. Мајсторски конструирана од познатиот актер и комичар Жан Пуаре како комедија. Игрив и забавен, текстот со хумор и леснотија задира во многу комплицирани теми: потребата за општествено прифаќање, сексуална слобода, избор во љубовта и потребата да се задржи личниот интегритет. Сместена во Сен Тропе, во веселите седумдесети, претставата на Драмски театар Скопје „Кафез кај кокони“, сака да прикаже дека педесет години потоа, овие прашања се се’ уште отворени и провоцираат дијалог низ истата структура на хумор, игривост и дрскост.

Комичниот заплет е толку шармантно уникатен што провоцира две филмски адаптации, – “La cage aux folles” (1978) и “The Birdcage” (1996), како и ексклузивна преработка во мјузикл за Бродвејската сцена во 1984.

„Кафез кај кокони“ утре на 16 мај во 20 часот ќе се игра и на матичната сцената на Драмски театар Скопје. Претставата не се препорачува на лица помлади од 18 години, соопшти Драмски теаатар – Скопје.