недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Концерт на Филхармонија со дела од Дебиси, Копланд и Коларовски

Концерт на Филхармонија со дела од Дебиси, Копланд и Коларовски

Филхармонија в четврток, на 17 октомври, во 20 часот ќе одржи концерт насловен „Ќе се разбудам ли пак“ на кој ќе прозвучат дела од Дебиси, Копланд и Коларовски.

Насловот е извлечен од истоимениот вокален циклус на Гоце Коларовски (1959-2006), чија „Симфонија“ ќе биде дел од програмата на овој концерт. Со нејзината изведба Филхармонија ќе одбележи 60 години од раѓањето на овој значен македонски композитор. Музичкиот опус на Коларовски е автентичен и препознатлив и во него доминира суптилен израз кој вешто ротира околу современата естетика изградена на интересни созвучија. Звукот во делата на Коларовски речиси секогаш е проткаен со своевидна мистика, специфична оркестрација и особен акцент на динамиката и музичкиот колорит. Симфонијата за оркестар, солист и ансамбл баритони е негова дипломска работа и во неа можат да се почувствуваат никулци на она што подоцна во своето творештво ќе го развие како автентичен музички израз и јазик.

Како солист во изведбата на ова дело ќе настапи басот Владимир Саздовски, како и ансамблот баритони при хорот „ПроАрс“.

Под диригентката палка на маестро Сашо Татарчевски на овој концерт ќе прозвучи и Концертот за кларинет и оркестар од Арон Копланд во изведба на исклучителниот шпански кларинетист Пабло Бараган. Критиката пишува дека кларинетот под прстите на Бараган добива специфична сензуална боја и дека поседува силна и заведувачка техника со која му дава посебна моќност на овој дувачки инструмент.

На овој концерт Бараган ќе го чуеме како солист и во изведбата на „Прва рапсодија за кларинет и оркестар“ од францускиот композитор Клод Дебиси. Овој фантастичен композитор чии дека имаат препознатлива структура и звучност бил во постојан допир со природата – таа била негова вечна инспирација. Иако естетски и стилски неговиот опус има премногу допирни точки со автентичкиот концепт на импресионизмот, тој никогаш не сакал своето творештво да го става во рамка. Не сакал да го нарекуваат импресионист.

Иако „Првата рапсодија“ ја напишал за соло кларинет како нарачка на Парискиот конзерваториум, веќе една година подоцна го оркестрирал  делото и тоа почнало да се изведува со оркестар. Делото е своевиден тест за кларинетот, ги истражува неговите можност и перформанси преку специфичен јазик и музичка естетика.