Концерт на пијанистката Дуња Иванова и изложба на фотографот Дарко Попов ќе се одржи вечер од 20 часот во Музејот на македонската борба.
Солистичкиот концерт на пијанистката Иванова е посветен на современиот француски композитор Јан Тирсен. На програмата е негова музика напишана за филмовите: „Чудесната судбина на Амелија Пулен“ и „Збогум Ленин!“, како и композиции од албумите „Светилник“ и „ЕУСА“.
Истовремено ќе биде отворена и изложбата „Скопје на штипка“ на фоторепортерот на МИА Дарко Попов. Ќе бидат претставени 24 фотографии од неговиот објектив, кој сведочи за урбано и суптилно Скопје низ детали кои пркосат на целината, а зборуваат за уметност, инспирација, храброст и сеќавања.
Двата проекта се дел од програмата за култура на Град Скопје за 2019 година. Се реализираат со поддршка на Слобода филм, Минимал, СОКОМ и Музејот на македонската борба. Влезот е слободен. (МИА)