Во Кичево вечер ќе бидат одбележани четири децении постоење, работа и создавање врвни уметнички дела на Центарот за култура „Кочо Рацин“ – институција од културата формирана во 1980 година.
Организиран е свечен концерт кој ќе се одржи според здравствените протоколи за јавни настани за заштита од Ковид-19. Сите поканети треба да дојдат навреме, да носат заштитна маска и да се почитува физичката дистанца, изјави Маја Николовска-Силјаноска од Центарот за култура.
– На програмата ќе има 15 изведби на македонски и на албански јазик. Уметничкиот тим вечерва ќе биде составен од модератор Сихана Јакупи, пијанистот Андреј Наунов, режисер Десанка Глигоријевиќ и светло-дизајн Милчо Александров, рече Николовска-Силјаноска.
На концертот ќе има ограничен број посетители и ќе се влегува со покани кои се веќе поделени. Концертот е под покровителство на Министерството за култура и ќе почне во 19 часот.