петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

„Кротењето на фуријата“ во режија на Пројковски ја воодушеви публиката, продолжува програмата на БИТ ФЕСТ

„Кротењето на фуријата“ во режија на Пројковски ја воодушеви публиката, продолжува програмата на БИТ ФЕСТ

Како дел од програмата на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ, синоќа на четвртата вечер на Битола Шекспир фестивалот, во големата сала на Народниот театар се одигра претставата „Кротењето на фуријата“ во режија на битолчанецот Дејан Пројковски, во изведба на Градски театар Подгорица, Црна Гора.

Над два часа, публиката постојано беше мотивирана и со целосно задржано внимание од актерската игра, музиката и хуморот, кои на сцената ги внесоа црногорските актери, особено Лазар Драгоевиќ во улогата на Петручио и Милица Мајкиќ во улогата на Катарина. Публиката пак, на крајот со овации ги испрати актерите, како и битолските протагонисти во претставата – сценографот Валентин Светозарев и режисерот Дејан Пројковски.

И како што самиот Пројковски за претставата ја истакна неговата режисерска визија, тоа целосно беше видливо на сцената.

Претставата „Кротењето на фуријата“ ги компарира двата принципи машкиот и женскиот, потпирајќи се на одредени аспекти на женската сексуалност и на машката доминација во современиот и модерен актерски израз, кој се заснова на Шекспировото сфаќање на театарот, играта, времето и просторот.
Како режисер, имам искуства со психолошко сенчење на женските ликови. Ми се чини дека женските ликови се секогаш психолошки попрефинето осенчени од машките; женската смисла мене ми личи на харфа, а машката на гитара, бројот на жиците е различен. Со ова не сакам да им дадам предност на жените пред мажите, во смисла на сензибилитет, зашто знам дека уште од учењето за анимусот и анимата е вообичаено така да се мисли. Нашата задача во театарот е да ги уриваме стереотипите за машко и женско“.

ДЕНЕС НА БИТ ФЕСТ

На програмата на БИТ ФЕСТ, културното лето кое се одржува во Битола и денес продолжува Битола Шекспир фестивалот.
Во 20.00 часот, во големата сала на Народниот театар, публиката ќе има можност да ужива во ,,РОМЕО И ЈУЛИЈА, ПОСЛЕДНИТЕ ЧАСОВИ’’ во изведба на Imperfect Dancers Company од Италија. Оваа постановка е модерна кореографска приказна, која преку перфекната игра на танчерите не внесува во Шекспировиот свет. Imperfect Dancers Company се познати од минатите години на Битола Шекспир фестивалот, кога приредија неверојатно доживување и разгалување на сетилата со ,,ХАМЛЕТ’’ и ,,ЛЕДИ МАКБЕТ’’
Концепт и кореографија:
Ина Броек и Валтер Матеини
Играат:
Ромео – Андони Мартинез Манзано
Јулија – Инес Сантос Прадос
Медицинска сестра – Сара Никастро
Судбината – Ина Броек
Меркутио – Давид Барера Бонета
Тибалт – Валентино Нери
Фриар Лаурент – Глориа Тонело
Бенволио – Антониета Бајрактари
Во 22.00ч публиката ќе има ексклузивна можност да ја погледне монодрамата ,,ХАМЛЕТЕЛИА” во изведба на Каролина Пагани од Италија.
Оваа претстава е ново читање и фрла ново светло врз Шекспировиот Хамлет, овојпат прикажан преку иронија и комични елементи. Во оваа претстава Офелија станува Гертруда, лесно се преобразува во Хамлет, Лаерт…Хамлетелиа претставува едно необично патување од современоста до Елизабетанската ера која истовремено ги истражува различнте актерските стилови и е еден вид крстосница помеѓу нив.