вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Квартетот „Стенхамар“ на „Охридско лето“

Квартетот „Стенхамар“ на „Охридско лето“

Шведскиот квартет „Стенхамар“ вечер ќе настапи во црквата „Света Софија“ во рамки на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во составот членуваат виолинистите Петер Олафсон и Пер Оман, Тони Бауер на виола и Матс Олофсон на виолочело.

Основан во 1995 година, квартетот „Стенхамар“, како што соопшти националната установа „Охридско лето“, низ годините се профилира како еден од најинтересните и многу респектирани квартети во Скандинавија.

– Нивното енергично, а истовремено технички рафинирано музицирање придонесува тие редовно да бидат присутни на фестивали за камерна музика не само во Шведска, туку и во Англија, Полска, Германија, Данска, Финска, Алжир, Индија и Јапонија. Нивниот репертоар во голема мера се фокусира на делата на Стенхамар и на дела од шведски композитори, но тие не ги занемаруваат делата од други, значајни композитори кои твореле за ваков состав, ставајќи посебен акцент на современата музика, стои во информацијата.

Досега нарачале и премиерно извеле повеќе од 30 дела од современи композитори. Во 2021 квартетот дебитирал во „Бетовен хаус“ во Бон и на фестивалот во Оксфорд. Од 2017 тие имаат уметничка резиденција на Универзитетот во градот Оребро.