среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

„Леди Магбет“ на Рисимкин вечер на сцената на театарот „Камплој“ во Верона

„Леди Магбет“ на Рисимкин вечер на сцената на театарот „Камплој“ во Верона

Во рамки на годинашното издание на „Верона Шекспир Фринге“ фестивалот во Италија, вечер, на сцената на театарот „Камплој“, ќе се изведе претставата „Лејди Магбет“ во кореографија на Рисима Рисимкин со Скопје танцовиот театар.

Музиката за претставата е на композиторот Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а дизајнот на сцената и светлото се на Матеа Мијановиќ. Во претставата настапуваат Анастасија Данчевска како Лејди Магбет, Дејан Битровски како Магбет, Бобан Русески како Алтер его на Лејди Магбет, Сара Цветковска како Алтер его на Магбет, танчери на Скопје танцовиот театар и Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, Клара Христовска и Јоана Благадуша, студенти на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев’ кои преку проектот „УГД – Чекор кон светот“ се дел од претставата.

-Многу сме возбудени за настапот во прекрасниот театар „Камплој“, каде што ќе изведеме претстава инспирирана од творештвото на Шекспир во градот Верона, кој овие денови дише во знакот на овој голем уметник. Организаторите не информираа за огромниот интерес за претставата, кој се базира на вистинската реткост за публиката на овој фестивал, да види дело на Шекспир изведено со поинаков сценски јазик – низ танц, а без зборови. Со тоа и нашата одговорност да се долови оваа приказна и емоција е голема. За мене, како кореограф, ова е интересна и секогаш актуелна тема, отсликувањето на женските ликови во драмите на Шекспир. Уметничката визуелизација на претставата е базирана врз истражувањата на делото на Шекспир, кои ги направивме заедно со целата креативна екипа. Слики и скици на една интимна историја, во која се фокусираме на психолошкиот профил на Лејди Магбет. Креацијата е направена во контекст на времево во кое живееме, повлекуваме паралели помеѓу безвременото творештво на Шекспир и актуелноста на темите кои тој ги опфаќа, изјави Рисимкин.

Во рамки на фестивалот на 28 август во 18 часот се одржа округла маса посветена на претставата во присуство на голем број гости на програмата, универзитетски професори, режисери, менаџери и студенти, предводена од селекторот на фестивалот режисерот Џон Блондел од САД.

Фестивалот е формиран во 1948 година и годинава ќе полни 75 години постоење, на неговите сцени се создавала богатата историјата на Веронските летни сезони, во кои се вклопуваат гостувања на долга листа на продукции, актери, режисери, сценографи, музичари, танчери, кореографи итн. Фестивалот, чија историска и уметничка вредност е огромна, со години претставува централна локација за театарската култура на светско ниво. Рисимкин и Скопје танцовиот театар ќе се дел од Шекспир фринге програмата, која се одржува во последната недела на август.