Со проекции на документарни филмови во Виница и во Пекљани, денеска и утре екипата на „МакеДокс“ ги продолжува своите омилени патешествија низ државата во рамки на Патувачкото кино и по завршувањето на 12. Фестивал на креативен документарен филм.
Фестивалот „МакеДокс“ се одржа од 19 до 26 август во Скопје, беа прикажани 70 документарни филмови во пет категории, присуствуваа над 30 гости, а петте жири-комисии, кои беа составени од 15 врвни професионалци од документарниот свет, доделија пет награди и четири специјални признанија. Во рамките на фестивалската програма се одржа и третото издание на МакеКоПроДокс форумот, на кое беше направен пичинг на 11 проекти во фаза на продукција и постпродукција од регионот.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ оваа година го смени својот формат и се одвива четири викенди во различни месеци од летниот период. Во јуни беше во Кратово (25 јуни) и село Шлегово (26 јуни), во јули имаше проекции во Штип (2 и 3 јули), Кочани (9 јули) и Оризари (10 јули), додека последните две проекции од годинашното Патувачко кино ќе се одржат во Виница, денеска, и утре во Пекљани.
Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.
Сите активности на Патувачкото кино на „МакеДокс“ се одвиваат согласно протоколите за одржување на културни настани во време на пандемија.