Македонскиот виртуоз на пијано Симон Трпчески ја продолжува мини-серијата концерти со македонската премиера на интернационалниот музички проект „МАКЕДОНИСИМО“. На Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип, Трпчевски и пријателите денеска ќе го изведат албумот „МАКЕДОНИСИМО“ што во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот.
Проектот, што по идеја на Трпчески на оригинален начин ја обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, ја изведува уникатниот тим на МАКЕДОНИСИМО КВИНТЕТОТ во кој, покрај Симон Трпчески на пијано, членуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките Влатко Нушев.
По настапите во струшкото село Збажди и пред Националната опера и балет во Скопје, утре „Македонисимо“ ќе биде изведен на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Изведбите, публиката ќе може да ги проследи бесплатно.