По 5 години од светската премиера на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија и освојување на светските музички меридијани со музичкиот материјал изнедрен од плодната македонска почва, нашиот прославен пијанист Симон Трпчески конечно ја најавува и македонската премиера на интернационалниот музички проект МАКЕДОНИСИМО.
Музичкиот десерт што македонската публика со нетрпение го очекува, најпрво на 14 септември од 20 часот на платото пред Националната опера и балет ќе го „вкуси“ публиката во Скопје. Следните изведби се предвидени за во Штип на 25 септември и во Битола, ден потоа, на 26 септември.
Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот МАКЕДОНИСИМО што во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот – проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“. Уникатниот тим на МАКЕДОНИСИМО КВИНТЕТОТ и на оваа серија концерти го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.
Сите 3 изведби, публиката ќе може да ги проследи бесплатно.
Со оваа домашна турнеја ќе се одбележи и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас.
Генерален покровител на концертите е Македонската радио телевизија, а ексклузивни спонзори се „Алкалоид“ АД Скопје, Македонски Телеком и Пантелеон ГС.
-Воедно, имаме ексклузивна можност со Вас да ја споделиме и веќе потврдената СВЕТСКА ПРЕМИЕРА на ОРКЕСТАРСКАТА ВЕРЗИЈА НА МАКЕДОНИСИМО во, веројатно, најпознатата музичка сала на светот, виенски „Музикферајн“, сцената на која се одржува традиционалниот Новогодишен концерт омилен во глобални рамки. МАКЕДОНИСИМО КВИНТЕТОТ предводен од Трпчески на оваа престижна сцена на 2 март 2023 година од 20 часот ќе го придружува австрискиот Тонкунстлер оркестар, а под палката на нивниот шеф-диригент, маестро Јутака Садо од Јапонија, информираат од КултурОп.