Во рамките на 57. Струшки вечери на поезијата денеска ќе се одржат портрети на минатогодишниот добитник нанаградата „Браќа Миладиновци“ Михаил Ренџов и на Паули Тапио лауреат на „Мостови на Струга“ за 2018 година.
Потески читања ќе имаат и поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“: Зоран Анчевски, Андреј Ал-Асади, Јордан Даниловски, Јовица Ивановски и Сузана В. Спасовска.
Во рамките на манифестацијата ќе биде доделена наградата „Стојан Христов“ за најдобра поетска книга од поет-иселеник, а ќе се одржи и симпозиум „Писмото во егзил/Егзилот во писмото“.
Неизоставен дел на фестивалот се меѓународните поетски читања и „Ноќите без интерпункција“, а ќе се одржи и „Поетско кафе“ – средба со издавачи, агенти и професионални посетители.
Струшките вечери на поезијата почнаа синоќа со традиционалното читање на Константиновата Т`га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, а претходно во Паркот на поезијата беше засадено дрво во чест на добитникот на „Златниот венец“, полскиот поет Адам Загајевски. (МИА)