недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Минатата година локалитетот Стоби го посетиле 6.355 туристи

Минатата година локалитетот Стоби го посетиле 6.355 туристи

Археолошкиот локалитет Стоби лани го посетиле вкупно 6.335 туристи од кои 3.813 биле странски, а 2.522 домашни. Во споредба со претходната 2020 година кога имало само 2006 туристи, од кои повеќето домашни, лани посетеноста е зголемена за повеќе од трипати.

– Но, сепак бројката од 2021 година споредена со 2019 година кога биле рекордни 18.602 туристи е далеку помала. Во 2019 година, пред почетокот на пандемијата беше рекордна во сите изминати години од отворањето на Стоби за посетителите, кога имаше вкупно 18.602 од кои 10.283 странски и 8.319 домашни туристи, информира за МИА, Спасе Перовски директор на НУ Стоби.

Инаку, лани најмногу од странските туристи биле Американци кои се на разни мисии во земјава. Лани имало туристи и од Полска, но и од Австрија, Германија и Италија. Исто така, забележан е и голем број на посетители од соседните држави Бугарија и Србија и мал број од Грција.

– Зголемена посета имаше за време на изложбата на скулптури на отворен простор во Стоби од академскиот вајар Петар Хаџи Бошков. Репрезентативноста на самата изложба во своето светло го интегрираше и богатството на локалитетот. Тоа беше една ретка изложба која во себе го вклучи современото и античкото живеење како денешно културно наследство. Посетеноста на изложбата беше неверојатно добра на задоволство на публиката и секако на нас како организатори, појасни Перовски.

Тој информира дека за годинава имале предвидено меѓународен културен настан посветен на Јоанес Стобаеус, жител на Стоби од четвртиот век. Со чија збирка на антички филозофски текстови и антички драмски текстови, светот денес се гордее.

– За жал Министерството за култура одлучи да не го финансира овој исклучителен настан. Сите други настани кои можат да се случат во Стоби годинава ќе бидат во соработка со други институции, организации и поединци за кои дополнително јавноста ќе биде информирана, појасни Перовски.

Стоби за посетителите е отворен секој работен ден од понеделник до петок од 9 до 16 часот. Со започнување на археолошките работи, од април, Стоби ќе биде отворен за посетителите и во саботите.