вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

МОТ на 20 септември ќе почне со „Блокбастер“

МОТ на 20 септември ќе почне со „Блокбастер“

Со „Блокбастер“ – претстава со филмски кадри од 160 холивудски филмови – на 20 септември во Македонскиот народен театар ќе почне 43. Меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“ (МОТ), кој ќе се одржува до 28 месецов.

Младинскиот културен центар, кој е организатор на МОТ, соопшти дека „Блокбастер“, или т.н. театарско НЛО, е претстава филм-пародија, создадена со повеќе од 1.400 кадри извадени од 160 холивудски филмови.

– Од таа гигантска монтажа се раѓа блокбастер со оригинално сценарио. „Блокбастер“ е приказна за насилството од доминантната класа на обичните луѓе каде што хуморот се користи како инструмент за протест, соопшти МКЦ, најавувајќи ја програмата на фестивалот.

Ќе гостува и Словенско младинско гледалишче со „Идиоти“ според сценарио на познатиот дански режисер Ларс фон Трир, претстава што едновремено е и смешна и критична, промислена, лесна и возбудлива. Германската претстава „Има уште“, пак, е експеримент и ново колективно кореографско искуство.

Новосадско позориште ќе го претстави на сцена текстот на Данило Киш, „Гробница на Борис Давидович“, во режија на Александар Поповски на унгарски јазик. На програмата е и „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ, за која МКЦ наведува дека е претстава што ги отвора  дилемите колку соочувањето со вистината нѐ прави подобри луѓе.

МОТ ПЛАКАТ

Португалската театарска компанија на Жоа Гарсија Мигуел ќе се претстави со „Го убивме шугавото куче“ – дел од проектот „Африкански бранови“, кој ги спојува Португалија и Африка,. „Балканската рута“ ќе ја прикаже маршрутата по која се движел театарскиот и филмски режисер Франц фон Столхен, по чие сценарио маршрутата почнува како театарски перформанс, во кој документарното и фикцијата се неделиви. Во претставата учествува и македонската актерка Наталија Теодосиева.

На фестивалот ќе биде изведена и „Чудна шума“ на кореографката Искра Шукарова, која ја поставува со студентите на ФМУ, како и премиерата „Шииит“ на домашната независна театарска трупа „Артопија“ во режија на Ирем Ајдим.

На 43. МОТ ќе биде изведена и најновата претстава на Битолскиот народен театар „Но(е)ва Македонија“ во режија на Кокан Младеновиќ, ангажирана општествена сатира, која реферира на историската мегаломанија на поранешната македонска власт.

Дел од МОТ ќе бидат и соло-проектот на Словенецот Марко Булц „Прва алтруистичка приказна“, „Болница“ на Јо Стромгрен компани од Норвешка, „Над земја под облаци // некаде помеѓу” во режија на Ирем Ајдим на „Ентропи студио“ од Истанбул.

Веднаш по премиерата и отворањето на театарската сезона на Босанското народно позориште во Зеница, на 20 и 21 септември претставата „Буре барут“ на Дејан Дуковски, во режија на Нина Николиќ, доаѓа на МОТ како дел од културната соработка меѓу Босна и Херцеговина и Репубика Македонија.

Ќе гостува и корејската претстава „(Во живо) БЈ Фауст“ на театарската компанија „Сисифе“ од Сеул, а фестивалската програма на 28 септември ќе заврши со „Црнила ремикс“ според класичното драмско дело на Коле Чашуле, музичко-драмски перформанс поставен од Јордан Симонов  во продукција на Младинскиот културен центар.

Шииит на МОТ

Во деветте фестивалски денови Млад отворен театар ќе се одвива на осум сцени низ Скопје  – Македонски народен театар, Македонска опера и балет, Кино Култура, Македонска филхармонија, Универзална сала, Кино Фросина – МКЦ, Дансинг сала во МКЦ и Драмски театар.

Цената на билетите во претпродажба до 19 септември е 200 денари, а потоа сите претстави ќе чинат по 300 денари.

Фестивалот ќе има и богата придружна програма – два концерта, изложба „Сценографии 35“ – ретроспектива на 35-годишната сценографска кариера на авторот Крсте С. Џидров, одбележување 70 години на меѓународната мрежа на Интернационалниот театарски институт на УНЕСКО со претставување на драмската авторка, филмска сценаристка и актерка од Русија, Јарослава Пулинович, и промоција на електронската книга „Сирота мала богата драма“.

МИА