Во средата, на 20 јануари се конституираше жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културни вредности „Славко Јаневски“.
Жири-комисијата е во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата). Жири-комисијата ќе направи неколку селекции од романите во конкуренција, а конечната одлука за добитникот мора да ја донесе најдоцна до 15 март годинава.
Инаку, годинава на конкурсот пристигнаа дури 40 наслови, а наградениот роман ќе се закити со статуетка, плакета и награда во паричен износ од 150.000 денари. Наградата „Роман на годината“ чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД, Скопје, годинава се доделува по 22 пат.
„Песот со тажен поглед“ на писателката Оливера Николова е лауреатот на „Роман на годината“ за 2019 година, а Николова е и првата од досегашните добитници која оваа награда ја доби по вторпат, по наградата за романот „Куклите на Росица“ објавен во 2004 година.