среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

„Народен непријател“ на два меѓународни фестивали во Црна Гора

„Народен непријател“ на два меѓународни фестивали во Црна Гора

Македонскиот народен театар (МНТ) со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, овој месец ќе гостува на два меѓународни фестивали во Црна Гора.

Како што информира МНТ, нашата претстава вечер, во 21 часот, ќе биде изведена на 37. фестивал „Град театар“ во Будва, што се одржува од 5 јули до 22 август.

Годинава слоганот на фестивалот е „Сила, храброст и глупост“. Во текот на 49-те фестивалски денови на овој престижен собир на уметности ќе настапат околу 620 учесници во драмската, литературната, музичката и визуелната уметност.

Програмата е конципирана на повеќе локации: на сцената меѓу црквите, во црквата „Санта Марија“, Плоштадот на поетите, улиците на Стариот град, на платото пред хотелот „Авала“ и во амфитеатарот на манастирот Стањевиќи.

Второто гостување ќе се случи на 18. меѓународен театарски фестивал „Пургаторије“ – Тиват. Покрај скопската претстава, чија изведба е закажана на 18 јули на летната сцена со почеток во 21:30 часот, во натпреварувачката програма ќе учествуваат уште осум претстави од Белград , Загреб, Нови Сад, Подгорица, Тиват и од Сплит.

Во „Народен непријател“ играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски/Григор Јовановски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.

Од МНТ посочуваат дека „Народен непријател“ совршено кореспондира со кризата со која повторно се соочува нашето општество.

-Доктор Стокман е ангажиран маж, но е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека е неопходна итна жртва, колку и да е тоа болно, а Ибзен е вешт и ги покажува механизмите како поединецот да зборува за системската неправда и автоматски се карактеризира како предавнички, информира МНТ.