петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Настап на ВИС „Тркалезна маса“ на Скопско Лето со „Песни и звуци од чудната шума“

Настап на ВИС „Тркалезна маса“ на Скопско Лето со „Песни и звуци од чудната шума“

Во рамки на манифестацијата Скопско лето вечер во Сули Ан во Скопје со почеток во 20:30 часот ќе настапи ВИС „Тркалезна маса” во соработка со фестивалот Денови на македонска музика 2020 и СОКОМ. Настапот е насловен „Песни и звуци од чудната шума”.

„ВИС Тркалезна маса” е група настаната во рамките на четириесетмесечниот поетски маратон „Астални проекции”. Составот обединува писатели, музичари и уметници со различни уметнички искуства, сплотени околу меракот за импровизирана музика, настаната во спонтан дијалог со книжевноста и со омажи на значајни уметници и писатели (Дејвид Боуви, француски надреалисти, Блаже Конески, Лилјана Дирјан).

Групата ја сочинуваат Ана Голејшка Џикова – вокал, Ѓоко Здравески – вокал, Владимир Лукаш – гитара, мелодика, Васко Марковски – мандолина, мандола, Деан Шкартов – хармоника, сајзер, Душан Кировски – гитара, Перо Сарџоски – кавал, џембе, Владимир Мартиновски – тамбури, удиралки, Ѓорѓе Јовановиќ – усна харфа, ефекти, Круме Стефановски – кахон и Тома Димовски – деф.

Покрај многубројните концерти во рамки на „Астални”, ВИС Тркалезана маса настапувал на неколку манифестации, како денови Денови на европската култура, Радио Слободно Скопје, АртАреа.

Проектот „Песни и звуци од чудната шума” е поттикнат од новиот бран на актуелната продукција на поезија за деца. Среде старата скопска чаршија, преку музички пејзажи публиката ќе се воведе во амбиентот на шумата, а ќе се читаат најнови песни за деца, најголемиот дел неодамна објавени во е-списанието „Чудна шума”.