Издавачката куќа Или-Или го објави романот „На осамениот брег покрај морето“ на еден од најистакнатите современи хрватски писатели, Зоран Фериќ.
Преводот од хрватски јазик е на Владимир Јанковски, а дизајнот на корицата е на Марија Смилевска.
Романот „На осамениот брег покрај морето“ е составен од девет приказни, чии главни ликови се легендарните далматински „галеби“, тие сурови ловци на женски срца и тела, еден вид заштитен знак на југословенските летувалишта во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век.
Сместен на островот Раб, романот ги следи судбините на неколку (анти)херои и нивните бројни „подвизи“ на горчливо-духовит начин, специфичен за делата на Зоран Фериќ. Но, покрај машките ликови, слободно може да се каже дека поважни се блескаво разработените женски ликови, локални жителки и туристки, зашто тие ги диктираат нештата и околу нив се врти сѐ.
Растењето и созревањето, неуспешните љубови, фината меланхолија, што провејува низ епизодите во кои ги следиме животните приказни на клучните ликови на ова дело го вовлекуваат читателот во временски не толку далечното, но со блага копнеж натопено минато. (МИА)