четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Објавена стихозбирката „Спомени“ од Ристо Маџунков

Објавена стихозбирката „Спомени“ од Ристо Маџунков

Стихозбирката „Спомени“ од македонскиот поет Ристо Маџунков е објавена во издание на „Современост“. Збирката содржи 70-на песни, од кои најголемиот дел претставуваат поетски минијатури – искри на мудроста со три до четири стихови.

– Автобиографското во спомените на Ристо Маџунков логички има првостепено значење во поетското писмо како радост и вознес од една и како поразија од друга страна. Спомените како синоним на самопроверка и превреднување едноставно ја испишуваат дефиницијата за етичките и естетски димензии на автохтоноста на творечката лабораторија на поетот. Неговата песна е кратка, јасна, мудра, читлива, едноставна и отворена за дијалог со читателите. Патот од едната до другата страна, изоденоста од субјектот/автор до колективот/читателите е прав и рамен. Пораката како тенденција е неретко нема, нечујна воздишка оти смртта е ништо, ама животот е мисла и смисла на космосот, велат издавачите на стихозбирката.

Ристо Маџунков е роден на 24.05.1948 година во Струмица. Од 2006 година живее и работи во Торонто, Канада. Покрај „Спомени“, автор е и на поетските книги: „Семки“ (Современост, 2019), „Вечен збор“, второ преработено издание (Антолог, 2018), „Прашинки“ (Антолог, 2017), „Капки“ (2 Август, 2014), „Глас во пустина“ (НИП 21, 1994), „Вечен збор“, прво издание (НИП 21, 1992).