недела, 10. март 2024. Вести денес: 0
home Култура

Објавена жири комисијата на БЕАМ фестивалот

Објавена жири комисијата на БЕАМ фестивалот

Фестивалот на најдобри настани БЕАМ го објави составот на жири комисијата како и сите критериуми за оценување и правила за работата на жирито. Како што соопштија од Фестивалот, најдобрите настани ќе се избираат во 15 категории, а ќе ги оценува жири комисија составена од искусни и докажани професионалци во различни сектори од креативните индустрии.

Во жири комисијата се Ана Зафирова, фриленс новинарка и експертка по комуникации, Анета Андонова, одговорен уредник на Прв Програмски сервис, МРТ 1, Анета Антова Пешева, ко-сопственик и директор на Ултра/Унет доо Скопје, претседател на МАСИТ – Комора на ИК технологии, почесен конзул на Канада во земјава, Билјана Колемишевска, маркетинг, комуникации и ПР во М Кар Македонија, Борис Ефтимовски, oсновач на Маркетинг365, Ванчо Богев, дипломиран продуцент, МКЦ, Вардан Тозија, филмски и ТВ режисер, Виолета Симјановска, шеф на одделот за менаџмент во културата на Sibelius Академијата, UNIARTS, Финска, Дејан Пројковски, режисер, Душан Марковиќ, Корпоративен маркетинг и ПР директор – „Малиќи Груп“, Емилија Зографска, експерт за корпоративни комуникации во А1 Македонија, Златко Панков, основач на Панекс, Ива Дујак, главен оперативен директор во „Brand Union“, Коста Петров, основач и извршен директор на „Пи Ворлд“, Љупчо Јолевски, новинар, Марта Наумовска Грнарова, генерален менаџер на „Завар“, Милчо Александоров, дизајнер на светло, Мите Димовски, артист, композитор, музички продуцент и Рисима Рисимкин, кореограф, уметнички директор на Танц Фест Скопје и Скопје танцов театар, декан на Филмска академија.

– Целта на БЕАМ е мапирање на индустријата и валоризирање на работата на професионалците во ивент индустријата. Овој фестивал е шанса за втор живот на нашите настани, да ја раскажеме приказната и да ги афирмираме сите кои биле дел од некој настан. Наградата пак значи бесмртност за тој настан. Сметаме дека и клиентите и организаторите, како и креативната енергија и буџетите што ги вложиле заслужуваат ваква валоризација, соопштија организаторите на БЕАМ.

Фестивалот е на иницијатива и во организација на Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП а настаните ќе се одбираат во 15 категории.

За да учествува, секоја компанија треба да го пријави својот настан со пополнување на апликација која може да се најде на интернет страната на БЕАМ – „www.beamfestival.mk“.

Пријавувањето трае до 20 февруари оваа година, со можност за рана пријава до 3 февруари.