Годинашниот, 19. ОФФест – фестивал на музика од светот на 2 јуни ќе го отвори дуетот на португалската фадо пејачка Лина Родригес и популарниот шпански артист Раул Рефре, кој е еден од најиновативните светски продуценти.
-Нивниот штотуку објавен албум „Lina_Raül Refree“, кој е своевидна модерна посвета на големата фадо легенда Амалија Родригес, веќе предизвикува лавина од позитивни реакции кај светските музички сладокусци, соопшти Скопски џез-фестивал, организаторот на ОФФест.
На втората вечер на ОФФест (3 јуни) ќе настапи уште еден тандем предводен од мајсторот на иранското кеменче Кајхан Калор, добитник на „Греми“ во 2017, кој лани доби и специјална награда за животно дело на Womex. Музичарот со курдско потекло во Скопје ќе настапи во придружба на турскиот виртуоз на инструментот баглама, Ердал Ерзинцан.
– Во истата вечер публиката ќе може да го проследи и настапот на фасцинантната каталонска пејачка Силвија Перез Круз. Таа во Скопје ќе го претстави својот најнов проект „Фарса”, во кој на волшебен начин ги комбинира музиката, театарот, филмот, танцот, сликарството, фотографијата и поезијата, соопшти Скопски џез-фестивал.
Организаторот наскоро ќе ја објави комплетната програма на ОФФест. кој ќе се одржува од 2 до 6 јуни во Скопје.