Во чест на сликарот Омер Калеши претпладнево во Чифте амам ќе се организира омаж во организација на Националната галерија и во соработка со Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје и членови од семејството на Калеши.
Изложбата ќе содржи околу 30 дела на Калеши во техника масло на платно и истата ќе биде отворена до крајот на месец јуни.
На отворањето на изложбата за личноста и творештвото на Омер Калеши поздравен говор ќе одржи директорката на Национална галерија, Дита Старова Ќерими.
Омер Калеши е роден во Македонија, емигриран во Турција, каде што завршил Ликовна академија, од 1965 година со постојано место на живеење во Париз.
Тој низ своето творештво обединува три балкански земји, кои всушност се и негови татковини: Македонија, Албанија и Турција. Во неговата богата биографија имал повеќе самостојни изложби во Истанбул, Белград, Скопје, Битола, Хаг, Приштина, Париз, Флавињи, Анкара, Кан. Неговото творештво посебно го ценеле Жак Лакариер, Јордан Плевнеш, академик Луан Старова, Исмаил Кадаре и други.
Во 2018 година е избран за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите и истата година е добитник на државната награда „Мајка Тереза“. Дел од неговото културно наследство се галериите со неговото име во УМТ, Универзитетот Илирија во Приштина, Националната галерија на Македонија, галериите во Турција во Бурса и во Тирана.