„Автобиографијата“ на Марко Цепенков, која првпат е адаптирана на современ македонски јазик, ќе биде промовирана вечер на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Токму денеска се одбележуваат 100 години од смртта на Цепенков, нашиот најистакнат собирач на народни умотворби и еден од првите прозаисти и раскажувачи во македонската книжевна историја.
– Својата „Автобиографија“ Цепенков ја пишува во 1896 година за да одговори на прашањето како станал собирач на народни умотворби. Но, ова осовременето издание има цел да го приближи текстот до најмладата публика и да им даде шанса да се запознаат со делата на Марко Цепенков уште во училишните клупи. Марко Цепенков речиси целиот свој живот го посветил на собирање народни приказни, песни и други фолклорни форми и неговата важност за македонската книжевност е непроценлива. Неговото богато творештво со објавени и необјавени дела го сочинуваат повеќе од 5500 поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, верувања и клетви, баења, соништа и нивни толкувања, детски игри, речници, описи на занаети итн, наведуваат од Арс Ламина публикации.
Во ова издание на „Автобиографијата“ на Цепенков, посочуваат, направени се неколку адаптации од оригиналниот текст: неговиот прилепски говор е осовременет, според правилата на стандардниот литературен јазик, а текстот е поделен на поглавја за да се олесни процесот на читање. Изданието содржи и поговор од проф. д-р Наташа Аврамовска од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Модератор на онлајн-настанот ќе биде уредникот на изданието Ведран Диздаревиќ, додека осврт на делото и на опусот на Цепенков ќе даде Славица Србиновска, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Изданието е објавено од издавачката куќа „Арс Ламина“, како дел од едицијата „Читанки“.