понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Отворање на изложбата „Пејзаж на вознемиреност“ во МСУ

Отворање на изложбата „Пејзаж на вознемиреност“ во МСУ

„Пејзаж на вознемиреност (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени)“ е насловена изложбата која се однесува на климатските состојби и еколошките предизвици, која од 20 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност (МСУ).

Учесници на изложбата се: Тихомир Топузовски, Ивана Васева, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) – Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа, Ивана Мирчевска, Дарко Алексовски, Никола Узуновски, Зорица Зафировска, Кирил Арсовски, Биљана Гаревска и Дарко Базерко.

Изложбата е фокусирана на промените во животната средина кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлоатација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.

Куратори на изложбата се Топузовски и Васева кои наведуваат дека делата се резултат на соработка помеѓу уметници, експерти, активисти, формални и неформални здруженија, институции, овозможувајќи видливост, предлагајќи или поттикнувајќи решенија, или претставуваат форми на активизам кои ја инволвираат јавноста околу постојните проблеми и предизвици

Во рамки на отворањето на изложбата, во 20.15 часот во фоајето на музејот, со уметницата Зорица Зафировска ќе биде реализирана наративна тура со пет видеа под наслов „Тура на немир“.

-„Турата на немир“ нè води на наративно патување, во кое ќе се увидат состојбите на нашите природни богатства, реката Вардар, споменикот на природата Матка и парк-шумата Водно, потоа ќе се увидат штетите предизвикани од првенецот на органско-хемиската индустрија – гигантот „ОХИС“ – Скопје и други градски загадувачи, но, исто така, нè поканува да бараме решенија, да учиме и да ги применуваме еко-праксите на Општествената градина „Бостание“. Оваа тура отвора низа од прашања, меѓу кои: Дали и на кој начин, оваа тура може да предизвика и развие акција за учество или отсуство на неа, која како предзнак и условеност ги има заедничките добра: животната средина, биодиверзитетот и локалната заедница?, соопшти МСУ.

Нараторка на турата е Симона Димковска и сниматели се: Фејми Даут, Тони Стојановски, Иван Поповиќ, Љубомир Домазетов, Нино Ниноски, Кирил Шентевски, Дејан Тодоровски и Сашо Петровски. Монтажер е Андреј Ристески. Турата се реализира во соработка со Ана Алексовска, Институтот за комуникациски студии и Кокос продукција.

Во рамки на изложбата, в недела, 12 март, во 12 часот ќе следува и јавна програма која ќе ја отвори Адам Ночек, професор по Филозофија на науката и технологијата од Државниот универзитет Аризона во САД.

МСУ информира дека иложбата е дел од истоимениот проект кој опфати шестмесечно истражување и се одвиваше на неколку локации низ земјава, како Велес, Битола, Преспа и Скопје, во соработка со членови на еколошко друштво од Велес „Вила Зора“, иницијативата „Битола на Точак“, јавната институција Национален парк Галичица и Природонаучниот музеј.

-Во рамки на истражувањето се дискутираше за можни соработки, користење уметнички пристапи и методлогии преку кои ќе се влијае до соодветните институции за решавање на низа ургентни проблеми. Соработници на изложбата се: еколошко друштво „Вила Зора“, Велес, Институт за комуникациски студии Скопје, Природонаучниот музеј на РС Македонија. Проектот е целосно финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија, наведува МСУ. (МИА)