вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Отворен 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Отворен 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Со доделувањето на наградите за животно дело на актерот Петре Арсовски и на композиторот Љупчо Константинов и со првата претстава во официјалната конкуренција за награди, претставата на МНТ „Ничија Земја“ од Денис Тановиќ во режија на Александар Морфов, синоќа во големата сала од Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп беше отворен 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Фестивалот, официјално за отворен го прогласи заменик минисерот за култура, Владимир Лазовски.

– Го прогласувам за отворен 53 Македонски театарски фестивал. Уживајте во театарските денови, рече Лазовски.

Годинашните лауреати, добитници на наградата за животно дело, актерот Петре Арсовски и композиторот Љупчо Константинов нагласија дека со овие признанија се докажува дека не се заборавени, а нивната професија не престанува со пензионерањето.

– Наградата секогаш е поттик. Јас се уште ќе работам предано на она што досега го правев – сценска музија и музика за театар, филм, за серија. Секогаш е најбитно да ја почувствувам темата за која ја создавам музиката. Сето другото доаѓа од душа и со љубов, рече Константинов.

Арсовски икстакна дека оваа награда е доказ дека колегите не го заборавиле и дека се уште е жив како на сцената, така и во нивните сеќавања и кај публиката.

На младите им порачуа да се занимаваат што повеќе со театар во која било форма, аматерски или професионален.

Според уметничкиот директор и селектор на Фестивалот Катарина Коцевска, Фестивалот ќе и понуди на публиката осумдневна сценска и театарска магија.

– Театарската магија ќе живее наредните осум фестивалски дена. Ќе уживаме заедно со публикаат која веќе најавува дека ќе имаме полни сали. Тоа ме одушевува, изјави Коцевска.

За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски Прилеп живее за театарот и за Фестивалот и тој е дел од него. Најави дека прилепските актери ќе добијат нова театарска куќа.

-Како градоначалник на градот којшто 53 години е домаќин на најреномираната театарска манифестација во државата, чувствувам одговорност кон фестивалот, кон актерите на матичната театарска куќа „Војдан Чернодрински“, но и кон сите годинешни и идни генерации уметници, кои со својата посветеност го плетат уметничкото театарско платно на Македонија. Затоа сакам да најавам и од оваа уметничка сцена, Прилеп и Министерството за култура остваруваат интензивна соработка, со цел градот да добие нов и репрезентативен театар, кој ќе ги исполнува сите современи стандарди за работа и современа техничка логистика на актерите, сценаристите, режисерите, на сите уметници кои се дел, од, без поговор, единствената професија, која твори со најнепосреден фитбек, рече Јованоски.

Тој им оддаде почит на двајца прилепчани, доајени на македонскиот театар – Илија Милчин и Кирил Ристоски. Годинава се навршуваат 100 години од раѓањето на Милчин и 70 години од раѓањето на Кирил Ристоски.

Како прва од 12-те претстави во конкуренцијата за награди, публиката ја виде претставата на МНТ „Ничија земја“ од Денис Тановиќ во режија на Александар Морфов.

На полноќ беше прикажана и првата претстава во придружната фестивалска програма. На сцената од прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ беше прикажана испитната претстава на студентите по актерска игра од трета година во класата на професорот Мими Таневска Србиновска, претставата „Ревизор“ од Гогољ.

Во очи отворањето на Фестивалот, во фоајето од Домот на културата беше отворена изложбата „Моќта на театарот“ со оригинални експонати од музејот на МНТ за неговата историја од 1945 до денес.

– На изложбата се претставени оригинални експонати, фотографии, од сцени, костими, плакати за се што се подготвувало во МНТ од 1945 година до денес. Ова сето е големо богатство за театарот и за неговата историја, рече кустосот во музејот на МНТ, Ивана Јарчевска.

Денеска на репертоарот на фестивалот е богата програма. Напладне во Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи трибина со наслов „Театарската критика денес“. Модаератор ќе биде професор д-р Ана Стојаноска.

Вечер на програмата на Фестивалот се две претстави во конкуренцијата за награди. Од 19.30 часот на сцената во Домот на културата „Марко Цепенков“, Битолскиот народен театар ќе ја изведе претставата „Доктор Фауст“ од Кристофер Марлоу во режија на Андраш Урбан, а од 22 часот на матичната сцена, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја изведе „Клетници“ од Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски.

(Миа)