Со доделување на наградите за особен придонес во филмската уметност, но и со проекција на филмот „Бановиќ Страхиња“ во режија на Стефан Арсенијевиќ синоќа свечено беше отворено шестото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.
Од Агенција за филм соопштија дека „Киненова“ и во оваа шеста фестивалска едиција ги промовира вредностите на раните први и втори филмски остварувања на режисерите и сценаристите.
Мето Јовановски е годинешниот добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност, а наградата му ја врачи директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ.
-Среќен сум што по периодот на пандемија повторно се враќаме во кино салите. Во овие времиња успеавме да го направиме реалност ова издание на Фестивалот, кое е особено значајно и лично за мене бидејќи оваа година востановивме награда која ќе го носи името на Љупчо Тодоровски-Упа, без кого овој фестивал веројатно немаше да се роди, рече директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ.
Лауреатот Мето Јовановски изрази благодарност до колегите за наградата и посочи дека според него филмот, филмската уметност и фестивалите се мост кој духовно не поврзува и се достоен репрезент на бројни драмски творби преточени во креативен филмски живот.
-Благодарност до сите мои колеги: актери, режисери, автори и бројни филмски дејци со кои имав чест да соработувам во изминатиот период и заедно со верба и љубов кон филмот да создадеме филмски дела кои во минатото беа достоен репрезент на македонскиот креативен дух. Да бидеме дел од големиот филмски мозаик и да се вградиме во тие т.н. подвижни магични слики. Да се вградиме во колективната меморија во Балканскиот и Европскиот духовен простор како траен белег на филмското творештво и придонес во филмкото Европско наследство, рече Мето Јовановски.
Според Јовановски, актерот како и секој човек мечтае по се она што ја возвишува и храни човековата душа, со желба секојдневно да се преточи во возвишен филмски живот, да се влезе во светот на креативноста и за миг да се заборави црно-белиот свет.
-А нашата радост, возбуда и љубов да ја поделиме со оние за кои постоиме, а тоа е публиката, рече Јовановски, кој посака добро здравје со желба да го следиме патот на убавото и креативното-патот на се она што ја храни и возвишува човековата душа, а во чест и слава на филмот и филмската уметност, на духовните вредности, во слава на македонскиот креативен дух и артизам, додаде Јовановски.
Според режисерот Стефан Арсенијевиќ, во овие тешки времиња полни со предизвици имаме можнот да погледнеме длабоко во себе и да се преиспитаме, а филмот го овозможува токму тоа.
-Голема чест е за мене што сум овде вечерва, особено во овој контекст на не само македонски, туку и европски филмски имиња. Исто така особено се радувам што повторно сме заедно, физички присутни овде, во кино салите. Тоа е многу важно и сакам да и заблагодарам на „Киненова“ што успеа да организира фестивал со физичко присуство. Ова e шесто издание на фестивалот, но веќе стана звучно име во рамките на филмските фестивали во регионот, рече Арсенијевиќ.
„Киненова“ годинава на Сабина Ајрула Тозија постхумно и ја додели наградата за Особен придонес во филмската уметност. Наградата ја прими нејзиниот син Вардан Тозија, а му ја додели актерот Диме Илиев.
– Спомените од тоа што се случуваше изминатава година сеуште ми се свежи, не најдов начин за да го сумирам тоа што го чувствувам. Тоа што ми е останато од мојата мајка Сабина. Голема благодарност за „Киненова“ за оваа награда, голема чест ми е и се надевам дека таму некаде меѓу ѕвездите тоа го знае и мајка ми. Покрај тоа што беше неуморен, посветен филмски, театарски работник, таа беше пред се мајка и едноставен човек полн со љубов, разбирање и поддршка низ целиот мој живот, рече Вардан Тозија.
„Киненова“ постхумно додели уште една награда за особен придонес во филмската уметност на Љупчо Тодоровски-Упа, која ја прими неговата сопруга.
На свеченоста беше претставен и проектот „Инклузивна анимација“ која се одржа во рамките на „Киненова“, а во соработка со продукцијата „Фокус Покус“ и Кинотека, поддржан од делегацијата ЕУ, на која работеа деца со попреченост и типичните деца. Материјалот сработен од сите учесници на сесиите, менторите го измонтираа во една целина и крајниот производ е видео врз музичка подлога на песната „РамПаРам“ од „Суперхикс“. Видеото ќе се отстапи на бендот за користење како нивен официјален спот.