„Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски („Или – или“), „Суво мастило“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски („Антолог“), „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски („Антолог“) и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“) се петте романи што влегоа во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности.
Жири-комисијата во состав: Оливера Николова (претседателка), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) ќе го соопшти лауреатот на годинашната награда „Роман на годината“, која се доделува под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД; Скопје, следниот понеделник, на 15 март, на прес-конференцијата во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, информираат од Фондацијата „Славко Јаневски“.
Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 22-ри пат и таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150 илјади денари.