По повод еден век од раѓањето на Славко Јаневски, Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности што го носи неговото име вечер од 19:30 часот во Културно-информативниот центар ќе организира поетско читање насловено „Произведувачи на зборот“.
Со свои песни и творби ќе настапат 15-тина поети, меѓу кои Зоран Анчевски, Николина Андова-Шопова, Јовица Ивановски, Ана Голејшка, Ненад Јолдески, Билјана Стојановска, Ѓоко Здравевски, Владимир Лукаш, Милован Стефановски.
Стихови од Јаневски ќе читаат актерите Ана Костовска и Владимир Петровиќ, а во музичката програма ќе учествуваат Полина Тасева (вокал) и Иван Петровски (гитара).
Претходно, во 19 часот, делегација на Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе положи цвеќе на неговиот споменик во паркот „Жена борец“.
Во 2020 година се навршуваат сто години од раѓањето и 20 години од смртта на Славко Јаневски (Скопје, 11 јануари 1920 – Скопје, 20 јануари 2000) – раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар.
Припаѓа на првата, повоена генерација македонски писатели, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Бил член на МАНУ и на Друштвото на писателите на Македонија.
Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ од 1952 година е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик, иако постои дилема дека прв македонски роман е, всушност, „Улица“ – првото прозно дело на Јаневски од 1950 година, кое во нашата историја на литература се смета за повест.
За прашањето каков вид проза е „Улица“, Фондацијата „Славко Јаневски“ во октомври минатата година организираше и тркалезна маса со учество на професори, книжевни критичари, писатели и поети