Полскиот поет Адам Загајевски е добитник на „Златен венец“ за 2018 година, информираат од НУМ „Струшки вечери на поезијата“.
Свечената седница на Советот за доделување на наградата „Златен венец“, Управниот одбор и Дирекцијата на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ беше одржана денес во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје.
Полскиот поет испратил порака по повод добивањето на наградата. Вели дека никогаш досега не бил во Струга – но не треба да се биде таму физички, за да се знае легендата за тој фестивал и таа награда, за да се знае колку посебна е листата на одликувани поети.
-Исто така, очигледно е дека тука нема место за политички критериуми, се смета само убавата поетска уметност. Убеден сум дека секој постар поет, не само што се сеќава дека бил млад поет и што тоа значело, колкава била во тоа надежта и очекувањето, моментите на обескураженост и верба, исто така несигурност, дури и покорност (наспрема гордоста и ароганцијата), но во суштина сé уште, до крајот, останува тој младиот обесхрабрен човек кој се запрашува: дали јас го заслужувам ова одликување, оваа чест. Да не се работи за некаква грешка? Пишувањето стихови сепак е постојано почнување одново, тука нема рутина, само очекување на следниот дар од тоа што некогаш го нарекувавме вдахновение, а на што денес немаме добар назив. Нема искусни поети, има само дебитанти. Вистина е дека постои вечна претпазливост кон светот, кон јазикот, кон вообразбата, но тоа е само почетна точка, потребна и недоволна, се наведува во пораката на Загајевски.
-Поетите се комплицирани луѓе, но не е точно дека исто така немаат сосема обични, човечки емоции. Затоа нема да кријам: оваа награда претставува огромна чест за мене, ми носи радост, се радувам дека ете и јас од овој миг ќе фигурурам помеѓу поетите – многумина веќе преминале на оној свет – на кои им се воодушевувам, на кои не им сум достоен. За среќа никој сам не си доделува награди и мораме да им веруваме на тие кои пишуваат до нас добри зборови. Му благодарам на жирито, им благодарам на поетите на Македонија, додава тој.