Во Театар Комедија во Скопје вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Ало! Ало!“ во режија на режисерот Синиша Евтимов.
Како што информира Театар Комедија – Скопје, „Ало! Ало!“ е духовита пародија на историските случувања и на човековите слабости во обидот да се сочува главата во налетот на насилството. Дејството е сместено во скопската кафеана „Кај Јорго“, во окупираното Скопје за време на Втората светска војна. „Кај Јорго“ е сврталиште на високите претставници на фашистичкиот окупатор во Скопје и на членовите на Отпорот, а сопственикот на кафеаната, Јорго, се труди да ги „менаџира“ односите со двете страни и да се одржи жив среде војната.
Во претставата играат: Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски – Тино, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Наталија Теодосиева, Маја Љутков, Елена Кузманов, Григор Јовановски и Стефан Николовски.
Илина Ангеловска е сценограф, Александар Ношпал – костимограф, Борјан Стојков – асистент на режија, Марија Ѓорѓиевска – асистент на сценографот и Ивана Каранфиловска – асистент на костимографот. Одговорен зад сцената е инспициентот Александар Јорданов, текстуална поддршка на актерите им дава суфлерката Зорица Манаскова Станковиќ, а за тонот и светлото се задолжени тон-мајсторот Георгиј Полизов и светло-мајсторите Слободан Илиоски и Виктор Лазаревски.
Претставата ќе биде дел од редовниот репертоар на Театар Комедија.